Голема и величествена работа, изјави изутрината при влегувањето во зградата на НАТО македонскиот премиер Зоран Заев за поканата Македонија да стане членка на Алијансата. Тој повторно изрази уверување дека граѓаните на референдум ќе го поддржат договорот.
Пред да влезе на состанокот на шефовите на држави и влади на земји членки и земји партнери Заев им се обрати и им честита на граѓаните и најави дека в сабота ќе има прослава во повеќе градови во Македонија.
„Владата подготвува прослави во 15 градови каде што со домашна музика ќе си честитаме затоа што одиме напред, затоа што Македонија влегува во НАТО и чекори кон Европската унија“, рече Заев.
Позитивната атмосфера владее во македонската владина делегација во Брисел уште од вчера, откако генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг објави дека Македонија добива покана. Честитки се слушаат во Брисел со оценки дека ова е голем ден за Македонија.
Столтенберг денеска на премиерот Зоран Заев церемонијално ќе му ја предаде поканата со која се отвораат пристапните преговори за членство. Но клучно, како што рече вчера и самиот Столтенберг, е спроведувањето на договорот со Грција.
“Одлуката на референдум ќе ја донесат граѓаните на поранешна југословенска република Македонија. Или ќе го поддржат договорот и ќе се придружат на НАТО или нема да го поддржат и нема да влезат. Нема влез во НАТО без промена на името“, рече Столтенберг.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
За новинарите особено од регионот, важна вест е напредокот на Македонија па речиси нема лидер од Балканот, кој не го прашуваат за поканата. Денеска, при пристигнувањето на состанокот како позитивна вест, договорот со Грција и поканата за членство, ги оцени претседавачот со Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ. Вчера како многу добар договор го оцени и хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ.
Премиерот Заев и вечерта се виде со своите балкански колеги, но и со други политичари на свечената вечера на шефови на држави и влади на земјите членки, и на шефови на држави и влади на земјите членки и партнери, што ја организираше премиерот на Белгија, Шарл Мишел.
„Тоа се лидери што го водат светот, претседателот Трамп, канцеларката Меркел, претседателот Макрон и да не зборувам за сите останати светски лидери. Јас сум многу среќен што го доживеав моментот кога ги гледам сите среќни и овие големи светски водачи заради Македонија. Сите на некој начин пријдоа, честитаа, посакаа успех, понудија помош и поддршка” рече Заев.
Инаку, во заклучоците од Самитот усвоени вчера се наведува дека го поздравуваат постигнатитот договор за името меѓу Скопје и Атина, и во согласност со политиките на Алијансата, одлучиле да ја поканат владата во Скопје да ги започне пристапните преговори за членство во Алијансата. Услов за ова е целосното спроведување на сите пропишани внатрешни процедури кои се однесуваат на договорот за решението за името, а со тоа и за успешно окончување на пристапниот процес.