Премиерот Зоран Заев, откако Македонија ја доби поканата да почне преговори за влез во НАТО ирази уверување дека повеќето граѓани на Македонија ќе гласаат позитивно на претстојниот референдум за Договорот со Грција за името. Учествувајќи како говорник на конференцијата „НАТО ангажмани: Дијалози на Самитот во Брисел“ Заев истакна дека по одлуката на НАТО, следуваат обврските што треба да ги исполнат двете страни. „Ние се обврзавме на референдум, бидејќи го менуваме уставното име. Референдумот би требало да се одржи кон крајот на септември, почетокот на октомври, потоа следуваат уставните измени, за што се потребни до сто дена според деловникот на Собранието, а потоа следува ратификацијата во грчкиот Парламент“, рече Заев, кој додаде дека несогласувањата со претседателот Ѓорге Иванов и со ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат менаџирани преку отворен дијалог. „По референдумот сите политичари во нашата земја ќе мора да се покорат на волјата на граѓаните“, рече Заев.