Џафери: Партиите да ги завршат обврските што ги презеле за ДИК

Разрешница за ДИК е одлуката на политичките партии да излезат од оние услови што ги поставуваат во однос на обврските што ги имаат преземено, изјави денеска претседателот на парламентот Талат Џафери.

“Тоа е обврска на политичките партии по онаа процедура што е предвидена во Собранието, да ја иницираат. Немам потреба да чекам никого. Не е мој проблем што бара ВМРО-ДПМНЕ. Собранието има соодветна процедура. Партиите се обврзале на таков метод и со таков начин со измените на Изборниот законик да го вратат методот на избор на ДИК. Имајќи предвид дека консензуално го донесоа законот сметам дека би требало да се однесуваат во духот на законот кој што самите го донеле,” посочи Џафери.

Тој потврди дека ги поседува сите механизми за да закаже седница, но оти работата би била бесполезна, затоа што според договорот на партиите, изменет е изборниот законик и воспоствена е пракса составот на ДИК да се гласа со двотретинско мнозинство.