Македонија добива покана, а Северна Македонија ќе стане членка на НАТО

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Македонија ја чека поканата од НАТО

Македонија денеска во Брисел ја очекува одлуката за поканата за членство во НАТО, која формално утре ќе му биде врачена на премиерот Зоран Заев.

Под силни безбедносни мерки денеска во Брисел почнува дводневниот самит на НАТО. Иако седиштето на Алијансата каде што се одржува состанокот на шефовите на држави и влади на 29 земји членки е подалеку од центарот на Брисел, засилено полициско присуство има насекаде.

Додека алијансата е засегната од внатрешни несогласувања, Македонија, пак, попладнево ја очекува веста дека членките одлучиле да и ја врачат поканата за зачленување во западниот воен сојуз. Ова вчера го најави и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг кој рече дека очекува по договорот со Грција, Македонија да биде поканета да почне со преговори за членство во НАТО.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Столтенберг: Оваа историска шанса не смее да се пропушти!

„Кога договорот ќе биде финализиран и имплементиран, ќе можеме да ја поканиме поранешната југословенска Република Македонија да стане 30 членка на НАТО под нејзиното ново име, Република Северна Македонија. Ова е сигнал дека портата на НАТО е и ќе остане отворена“, изјави Столтенберг.

Во Брисел од вчера се и министерката за одбрана Радмила Шекеринска и националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, а денеска на овој владин тим му се придружуваат и премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи. На Заев утре, според најавата, генералниот секретар на НАТО Столтенберг ќе му ја даде поканата, по што ќе имаат заедничка прес конференција.

По десетгодишна блокада на поканата од Грција поради нерешениот спор за името сега вратите на НАТО за Македонија се отвораат со Договорот од Преспа. Но, тоа не значи дека работата е завршена. Раководството во Скопје го очекува организирање референдумот од чии резултати ќе зависат и идните чекори. Ако Македонија не ги направи уставните измени, тогаш Грција нема да го ратификува членството, процес што треба да го направат сите 29 земји членки на алијансата и што е идентичен за секоја кандидатка.

Во однос на техничкиот дел од добивањето на поканата до приемот НАТО прво ќе направи план за пристапување по што генералниот секретар ќе прати покана до МНР или до Владата. Потоа македонските институции одговараат на поканата за пристапување со што почнуваат мини преговори во кои има политички и технички сесии. Македонија подготвува и мала национална програма за членство и ако се е во ред, се потпишува протокол за пристапување по што почнува ратификацијата кај земјите членки.