Мицкоски во дрес на Вардар му оддаде почит на навивачот Никола Саздовски

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Неколку стотина граѓани денеска се собраа пред Собранието во знак на протест и да изразат жалење за смртта на членот на навивачката група Комити и фан на фудбалскиот клуб Вардар, Никола Саздовски. Свеќа запали и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој дојде облечен во дрес на Вардар.
Неколку стотина граѓани денеска се собраа пред Собранието во знак на протест и да изразат жалење за смртта на членот на навивачката група Комити и фан на фудбалскиот клуб Вардар, Никола Саздовски. Свеќа запали и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој дојде облечен во дрес на Вардар. По оддавањето почит, тој го соблече дресот и го остави на масата каде беше поставена фотографија со ликот на 21-годишниот Саздовски по што си замина.
Комитите донесоа знаме со ликот на Саздовски и го закачија на заштитната ограда на Собранието. Протестот се одвива во тишина.

Инаку, Саздовски беше претепан од три лица пред десетина дена, наводно припадници на навивачката група Шверцери. Тој вчера им подлегна на повредите, а денеска беше погребан.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ ја обвини власта дека се обидела да го сокрие случајот и побара оставка од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и делото да не се води како насилство. МВР вчера соопшти дека случајот е расчистен и оти се уапсени двајца од тројцата напаѓачи на Саздовски и оти не можат да го преквалификуваат делото, зашто тоа е работа на обвинителството. СДСМ, пак, реагира дека ВМРО-ДПМНЕ „бесрамно злоупотребува трагични настани и подгрева тензии меѓу граѓаните“.