Британската премиерка Тереза Меј со посебен гест ги покани премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, заедно со неа на посебна фото сесија, како придонес во сесијата „Надворешна политика, билатерални прашања и наследство од минатото“, на која посебно место доби договорот за македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство меѓу двете земји, кој беше потпишан на 17 јуни во Преспа.
Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев на сесијата истакна дека договорот меѓу Република Македонија и Република Грција, всушност, е најдобриот придонес за нови модели на однесување и за воспоставување нови пријателства и односи меѓу државите и политичарите.
Заев рекол дека со договор е ставен крај на повеќегодишните разлики „што издигнаа ѕид што ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите, и создаваше неизвесност за нашата иднина“.
„Со премиерот Ципрас избравме да оставиме решенија, како траги зад нас. Решенија за нашите граѓани и за нашите општества, а не за нас, и за нашите политички партии“, рекол Заев.