Партиски препукувања за смртта на младиот навивач Никола Саздовски

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Мирен собир на Комитите во чест на починатиот Саздовски

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска побара оставка од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поради тоа што, како што рече партискиот портпарол Димче Арсовски, се обидоа да го скријат убиството на младиот припадник на навивачката група Комити, Никола Саздовски, кој денеска беше погребан.

„Бруталната ликвидација ја квалификуваа како насилство“, рече Арсовски, прашувајќи кого штитат МВР, СДСМ и Оливер Спасовски.

МВР вчера соопшти дека случајот е расчистен и оти се уапсени двајца од тројцата напаѓачи на 21-годишниот Саздовски, но оти не можат да го преквалификуваат делото, зашто тоа е работа на обвинителството.

Министерот за транспарентност Роберт Поповски, пак, денеска реагира дека јавноста била целосно и навремено информирана.

„Министерството за внатрешни работи веднаш по несаканиот инцидент за настанот објави информација во дневниот билтен, а во наредните денови беа приведени и двајца од тројцата сторители“, се наведува во соопштението на Поповски, каде се нагласува дека е „крајно некоректно „трагичната смрт на Саздовски да се користи за политичко профитирање“.

СДСМ, пак, реагира дека ВМРО-ДПМНЕ „бесрамно злоупотребува трагични настани и подгрева тензии меѓу граѓаните“.

„Јавно е достапно дека Министерството за внатрешни работи за еден ден ги пронајде осомничените за стореното кривично дело. Случајот и преквалификацијата на кривичното дело сега се во рацете на надлежното Обвинителство“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Хелсиншкиот комитет на Македонија реагира дека е потребно да се преземат сериозно мерки за спречување на делата од омраза, и тоа не само откако ќе се случат, туку и превентивно, преку санкционирање на употребата и ширењето на говорот на омраза.

Саздовски вчера им подлегна на повредите со кои се здоби на 29 јуни, откако беше нападнат и брутално претепан од три лица, наводно припадници на ривалската навивачка група „Шверцери“.