Ќе биде ли ова поинаков самит на НАТО?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

НАТО самитот и непредвидливиот Трамп

Пред почетокот на годинашниот самит вниманието на сојузниците во НАТО е насочено врз претпоставките за она што би можело да се очекува од американскиот претседател Доналд Трамп. Ќе го потпише ли завршното коминике или ќе излезе со најава дека ги повлекува американските војници од Европа?

Повиците и барањата на претседателот Трамп членките на НАТО да си ги надмират трошоците во Алијансата, сега изгледаат построго откако САД и ЕУ се најдоа во трговски ќорсокак околу царините.

Експертите се согласуваат дека никој не може во целост да ги предвиди чекорите на Трамп, но, според она што тој го најавува деновиве, се очекува самитот да мине во напната атмосфера.

„Ќе се видам со НАТО и ќе му кажам на НАТО: „Мора да почнеш да си ги плаќаш сметките. САД нема да се грижат за сè“.

Оваа изјава на Трамп на митингот во Монатана во минатата недела тој ја повторва подолго време.

Затоа, според Томаш Валачек, директор на „Карнеџи Европа“ со седиште во Брисел и поранешен словачки амбасадор во НАТО, се е можно:

„Кој знае е искрен одговор. Мислам дека едно нешто што е прилично јасно е оти претседателот Трамп во 2018 година е поинаков од претседателот Трамп во 2017 година. Се чини дека тој се чувствува попријатно во својата кожа и повеќе е подготвен да го разниша статус квото“.

Валачек изразува сомневање дека сите во придружбата на претседателот Трамп воопшто знаат што би можело да се случи на самитот.

Со него се согласува и Пјер Вимонт, поранешен француски амбасадор во САД кој вели дека е можно да се очекува самит во кој ќе има отворен недостиг на единство меѓу сојузниците, како и отворени изјави од Трамп за обврските на сојузниците.

„Но, мислам дека на крајот од денот ќе се обидат да го покажат своето единство, дури и само заради тоа што минуваат низ тешко време. Затоа постои потреба од единство“.

Вимонт не ја исклучува и можноста американскиот претседател Доналд Трамп на крајот од самитот, наместо да ја повтори заканата за повлекување на американските војници од Европа да ја обнови заложбата за поголема поддршка на европските сојузници.

На самитот на НАТО ќе присуствуваат повеќе од 40 шефови на држави и влади.

Покрај од 29 земји членки на собирот ќе има претставници од партнерските земји од Финска, Западен Балкан до Авганистан.