Судењето за „Тортура“ на 3 септември, ќе сведочи Љубе Бошкоски

Судењето за случајот „Тортура“, во кое се обвинети поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот командант на единицата „Алфи" Ивица Антевски и и уште петмина припадници на единицата, ќе продолжи на трети септември, со сведочење на Љубе Бошкоски, за чие апсење се однесува и случајот.

Во воведните зборови, обвинителот Љубомир Лапе денеска рече дека СЈО ќе докаже дека по основ на политичка определба прво обвинетиот Мијалков ги навел останатите обвинетите при апсењето на Бошкоски тој душевно да страда, а сето тоа поради политичка одмазда за упатени пораки за време на изборна кампања.

„Полицајците спротивно на уредбата за средства за присилба, употребиле прекумерна сила. Полицајците ја послушале наредбата и ги пренеле заканите од Мијалков, а еден од обвинетите му ставил пиштол на глава и му рекол - бел ден нема да видиш“, рече Лапе.

Како докази, обвинителот Лапе рече дека ќе бидат приложени снимки од неколку телевизии и видео снимки од МВР од денот на апсењето, како и писмените докази поткрепени од т.н. бомби, а последицата од апсењето, односно душевното страдање ќе се докаже со медицинска документација.