Резултатите од студијата „Преку проценка на влијанието на регулативата на занаетчиската дејност до подобрување на деловната клима“ покажале дека е потребен регистар на занаетчии, нивно поврзување со средните стручни училишта, промена во даночната политика за оваа сфера и нов систем за субвенционирање.
Истражувањето на Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ од Скопје, што беше промовирано денеска, покажало дека постои слаба информираност на занаетчиите за законските регулативи, и оти е потебна нивна целосна имплементација, како и донесување на подзаконските акти за да може да профункционира регистарот на занаетчии.
„Преку регистарот на занаетчии, многу лесно ќе се утврди бројката на занаетчии во Република Македонија. Понатаму, потребно е поврзување на занаетчиите со средните стручни училишта, со цел образовните програми да бидат прилагодени на потребите на праксата, но и да се изврши преоценка на предностите и недостатоците на средното стручно образование“, посочуваат од Институтот.