Над 250 кинески компании и 700 бизнисмени од централна и источна Европа се очекува да учествуваат на специјалниот економски форум кој ќе одржи на маргините на самитот.
На самитот пак ќе има претставници од сите источни земји членки на Европската унија, како и од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.
Европската унија ќе има статус на набљудувач, а поканета е и Грција која не е дел од „16+1“.
Бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека главна цел на собирот е да се зголеми кинеското бизнис присуство не само во Бугарија туку и во регионот.
До ова доаѓа на две недели пред годишниот самит во Пекинг меѓу Кина и Европската унија.
Лу Канг, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи во врска со тоа изјави:
„Оваа година се одбележува 15-годишнината од воспоставувањето на сеопфатното стратешко партнерство меѓу Кина и ЕУ. Лидерите од двете страни за време на 20та средба ќе разменат ставови за развојот на билатералните односи и прашањата од заедничка загриженост “.
Секако тема ќе биде и собирот во Софија на кој Брисел гледа како на обид на Кина да ја подели Европската унија.
Престојот на Ли Киџијанг ќе биде прва официјална посета на еден кинески премиер на Бугарија во изминативе две децении.
Пред посетата два бугарски весника објавија негов текст под наслов „Нов почеток, нова надеж, ново патување“.
„Кина сега и во иднина ја поддржува европската интеграција и е за обединета, стабилна и отворена Европа и силно евро“, пишува Ли.
Најпрвин ваквиот самит се одржа во Варшава во 2012 година.
Формата првично беше прифатена, бидејќи Кина вети милијарди долари заеми и инвестиции за земји кои се потпираат врз фондовите за развој на ЕУ или, во случај на посиромашниот западен Балкан, очајни за надворешни пари за изградба на железници, патишта, аеродроми и централи.
Но, некои земји почнаа да се жалат поради недостиг на резултати, големото учество на кинеската работна сила и материјали, финансиските и договорените услови, како и тешкотиите со стандардите на ЕУ.
Агендата на самитот е скромна, делумно поради тоа што се одржува само седум месеци по последната средба во Унгарија во ноември.
Кина и домаќинот Бугарија се обидуваат да најдат усогласено коминике на самитот, велат европските дипломати, додавајќи дека одделни влади се обидуваат во него да бидат одразени нивните интереси.