Дескоска најави нов модел на Антикорупциска комисија

Рената Дескоска министерка за правда

Министерката за правда Рената Дескоска денеска изјави дека се работи на закон за спречување на корупцијата и една од задачите на работната група е да дефинира нов модел на Антикорупциска комисија која ќе биде експертска, ослободена од какви било политички влијанија и која ќе има ингеренции навистина да ја врши својата работа онака како што треба.

„Дилемата беше дали вреди да се формира Антикорупциска комисија на краток рок, според сегашните закони или, пак, да се формира Комисија која ќе има капацитет. Верувајте мојот пристап е дека треба да имаме суштински измени, а не само проформа да задоволуваме определени барања и да прикажеме дека нешто сме направиле. Навистина интересот и желбата е да имаме Антикорупциска комисија која ќе има капацитет да ја врши својата функција“, изјави Дескоска пред почетокот на дебатата за борба против корупцијата.

Дескоска рече дека го очекува законот од работната група која веќе имала неколку состаноци и оти имаат одредена верзија која, како што рече, треба да ја разгледаме. Потоа законот ќе влезе во собраниска процедура и, како што додаде, очекува на есен оваа комисија да биде формирана.