Во Италија уапсени криумчари на мигранти, меѓу нив и македонски државјанин

Архивска фотографија. Илегални мигранти.

Италијанската полиција соопшти дека разбила две групи што се занимавале со криумчарење на мигранти од Балканот во Швајцарија, при што биле уапсени 10 лица, меѓу кои и еден државјанин на Македонија.

Како што јави ДПА, во соопштението на италијанската полиција се наведува дека едната група била стационирана во северна Италија, а втората на Сицилија.

Покрај македонскиот државјанин, уапсени се и седуммина Италијанци и по еден е граѓанин на Косово и Албанија. Полицијата трага по уште седуммина припадници на шверцерските групи, од кои повеќето се по потекло од Балканот.

Истрагата утврдила дека мигрантите на криумчарите им плаќале по 3.000 евра за да ги пренесат во северна Италија и од таму да ги префрлат во Швајцарија сокриени во комбиња и автомобили.

Во акцијата на италијанската полиција, биле вклучени и нивни колеги од Македонија, Германија и Косово.

Според полицискиот комесар од Палермо, Антонио ди Срасио има докази дека двете групи одржувале „конкретни и многу опасни врски со сицилијанската мафија Коза Ностра и со косовски паравоени групи“.