На 5 јули во Кривичниот суд Скопје судечкиот совет ќе ја донесе пресудата за седуммината обвинети за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села во Собранието на РМ на 27 април 2017 година.
Во завршните зборови на одбраната, адвокатите побараа ослободителни пресуди за сите, со образложение дека за ниту еден од нив не постојат докази дека се обиделе да го убијат Села. Јавниот обвинител Дарко Јакимовски од судот побара на обвинетите да им се суди за тоа што го направиле а не за тоа што го мислат.
„Единствен факт што Села останал жив е тоа што напаѓачите мислеле дека е мртов и тоа го спасило. Обвинетите биле свесни во каква опасност биле пратениците во Собранието во моментот кога толпата влегла во законодавниот дом. На камерите се гледа дека Александар Јаневски – Тошта со рака го повлекува Зијадин Села од аголот на прес-салата и го дава на толпата која, според сведоците, сакала да го линчува“., рече во завршните зборови обвинителот Јакимовски.
Одбраната пак во своите завршни зборови наведе дека нема докази дека обвинетите се токму тие затоа што дел од нив биле со фантомки на главата. а при претресот во нивните домови не биле најдени никакви докази што ги поврзува со облеката која ја неведува обвинителствто во обвинението.
Првично во овој случај беа обвинети десетмина, но Обвинителството пред да се започне со завршните зборови го повлече обвинението против Сашо Сенков, за кого обвинителот посочи дека нема доволно докази оти го сторил делото.
За обид за убиство на Села, според новиот обвинителен акт, обвинети се Кире Георгиевски, Оливер Ошавковски, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски и Коста Делов