Потпишувањето на капитулантски договор за промената на уставното име на Република Македонија и откажувањето од сѐ што е македонско е добра вест единствено за Зоран Заев и СДСМ и никој друг, велат во соопштение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму истакнуваат дека Заев е човек кој ја влече Република Македонија во пропаст.
„Тој ветуваше дека нема да прифати промена на Уставното име на Република Македонија, но сега од позиција на власт ги распродава националните и државните интереси на сите страни. Заев не лаже, Заев суши! Тој со потпишувањето на штетниот и капитулантски договор се откажа од привремената спогодба помеѓу Република Македонија и Грција, од 13 септември 1995 година, со која Грција се обврза да не го блокира нашето пристапување кон меѓународните организации под привремената референца“, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека договорот е обид на Заев да го покрие криминалот, корупцијата, расипништвото и неспособноста на неговата Влада и потенцираат дека Македонија без реформи не може да влезе во ЕУ.