Притвор за три лица од Косово кои подготвувале терористички дејствија

Илустрација: Припадник на косовската полиција.

Основниот суд во Приштина по барање на Специјалното обвинителство на Косово, им одреди 30-дневен притвор на трите лица кои беа уапсени денеска во Призрен и во Скендерај (Србица), под обвинение за кривично дело „подготвување на терористички дејствија.“

Косовските медиуми пренесуваат изјава на портпаролката на Судот, Мирлинда Гаши, која информира дека уапсените ќе останат во притвор до 29 јули.

Претходно беше објавено дека рано утрово во акција на косовската полиција, по неколкумесечна истрага водена од косовската Управа за борба против тероризмот, биле уапсени тројцата осомничени Косовци. Во исто време, врз основа на меѓународна потерница издадена од приштинскиот суд, во Германија е уапсено уште едно лице, поврзано со истиот случај.