Македонија нема никакви услови да отвори нови кампови за мигранти, рече денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на сесијата „Миграциска криза и балканска рута“ на Рос-Рот семинарот на Парламентарното собрание на НАТО што се одржува во Скопје.
Земјава, рече, веќе располага со два транзитни центра за краток престој на мигранти и безбедносната состојба на државните граници во моментов е генерално поволна.
За справување со евентуален иден масовен прилив на мигранти, според министерот, продолжено е времетраењето на Одлуката за прогласување кризна состојба на подрачјето на јужната и северната државна граница, а на македонско - грчката граница континуирано од декември 2015 година се распоредени и странски полициски службеници од осум европски држави. Усогласен е и текстот на договорот со Фронтекс со кој ќе се овозможи распоредување сили на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража доколку се укаже потреба од тоа.