Министерот Аселборн открива детали од расправата за датум за преговори со Македонија

Шефот на луксембуршката дипломатија Жан Аселборн и неговиот македонски колега Никола Димитров

Околу пет часот попладне вчера, по напорни разговори, кавги, кревања глас и многу фруструрации, и соочени со неможноста да постигнат договор за текстот за преговори со Македонија и Албанија, министрите за надворешни се подготвуваа да се откажат од секакви заклучоци за проширувањето, и да преминат на следните досиеја: Полска и Брегзит, кои чекаа на ред. А прашањето за датум за пристапни преговори за Македонија и за Албанија да им биде испратено или на лидерите на Европскиот совет на 28 јуни за политичка дискусија, или на некој следен Совет за општи работи, во јули или септември.

Ова во интервју за МИА го раскажал министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, кој, како го претставува новинската агенција, бил тој кој „ја спасил целата работа“.

„Франција и Холандија, и до некаде Данска, не попуштаа за датум, меѓувладина конференција, а еден од најжестоките камења на сопнување, како што е често во ЕУ, беа формулациите и зборовите. Пред сѐ дали во текстот да стои зборот „одлучи“, односно „Советот одлучи да има отворање на преговорите“, вели Аселборн во интервјуто.

„Знаете, морам да внимавам, не смее да се зборува за тоа што се случувало внатре во состаноците, но ајде. Си реков дека не можеме да го повториме она што се случи во 2016, тогаш немавме заклучоци. Кои би биле последиците? За вашата влада, но и за грчката влада. Реков дека вашата земја е кандидат за членство од 2005, и дека сме на чекор да се реши спорот за името“, раскажува Аселборн за вчерашниот состанок.

Не станува збор, наведува министерот, за бесплатен билет за двете земји, туку охрабрување да останат на добриот пат на реформите, дека ЕУ ги охрабрува и придружува.