Могерини: Да го наградиме напредокот на Македонија

Ден пред клучниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, на кој треба да се разгледува препораката за почеток на преговорите со Македонија, шефицата на европска дипломатија и безбедност, Федерика Могерини, уште еднаш ги повика земјите членки „да го наградат напредокот на Македонија“.

„Знаете дека препорачавме отворање преговори со Скопје и Тирана, овој процес мора да се заснова на заслуги, што значи дека кога има напредок тој мора да биде признаен и да биде охрабрен и придружуван. Се надевам дека земјите-членки ќе ја донесат вистинската одлука“, рече Могерини.

Министрите за надворешни работи на ЕУ утре, на Советот за општи работи, треба да дебатираат за проширувањето и за априлските извештаи на Европската Комисија за Западен Балкан.

Конечната одлука за преговори со Македонија би можела сепак да биде одложена за состанокот на лидерите на ЕУ во четврток, доколку утре министрите за надворешни работи не постигнат согласност.