Општото ниво на активната транспарентност во Македонија во 2018 година се задржа на ниско ниво, се наведува во истражувањето Индекс на активна транспарентност спроведено во рамките на програмата „Цивика Мобилитас“ која ја поддржува годишната програмата на Центарот за граѓански комуникации.
Истражувањето содржи рангирање на 97 институции од извршната власт на централно и на локално ниво (министерствата, Владата и општините) според степенот на исполнетост на обврските за проактивно објавување јавни информации (на сопствена иницијатива на институциите).
Процентот на исполнетост на обврските за активно објавување на информациите кај сите 97 вклучени институции изнесува 43,5% (од можни 100%). Степенот на активна транспарентност во 2018 година е незначително зголемен во однос на 2017 година (кога просечно изнесуваше 42,5%).