Бегалците и мигрантите кои минуваат низ Македонија на патот кон Западна Европа не е во пораст, вели Јасмин Реџепи од граѓанската организација „Легис“, коментирајќи ги информациите за зголемен број на мигранти и бегалци што се движат на Балканот. Тој вели дека зголемено присуство на мигранти единствено има во Босна и Херцеговина, а дека во моментов во транзитниот центар Винојуг во Гевгелија и во Табановце има 30-ина мигранти и оти состојбата е таква една година. Тој повтори дека во транзитните центри во Македонија бегалците и мигрантите се задржуваат од неколку часа до неколу недели и оти државава останува само дел од рутата која треба да ја поминат на нивниот пат кон европските земји.
„Не забележуваме зголемување на бројот на бегалци кои поминуваат низ Македонија зашто втората рута која моментално е активна преку Албанија, Црна Гора и Босна зема со себе дел од тие бројки да поминат нагоре. Единствена држава која се наоѓа во бегалска криза е Босна, зашто полицискиот систем е комплексен и го прави одговорот на државата задоцнет, а голем број остануваат зашто Хрватска не им дозволува да преминат таму“, вели Реџепи.
Хелсиншкиот комитет за човекови права во последниот извештај забележува дека постојат чести движења на поединци и групи кои доаѓаат од Грција или се враќаат од Србија и дека нема значителни промени во камповите.
Според податоците на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) од први до 20 март 2018 година, низ Македонија поминале 263 мигранти од двата правца (Грција и Србија.).
Во однос на нелагалната миграција, Реџепи вели дека во Македонија има благ пораст бегалци и мигранти, но оти тоа не е драматично.
Грција заедно со Италија се обично првото пристаниште за влез на бегалци од Блискиот Исток и Северна Африка, бидејќи се наоѓаат на Средоземното Море.
По затворањето на таканаречената балканска рута во 2015 година, сега мигрантите кои пристигнуваат во Грција одат преку Албанија и Црна Гора, во Босна и Херцеговина.
Таму тие се надеваат дека ќе влезат во Хрватска, земја-членка на ЕУ, па понатаму во Словенија.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски деновиве истакна дека Македонија е одлучно спротивставена на идејата за отворање бегалски кампови на своја територија.
„Република Македонија има јасен став по ова прашање, тој став е дека ние имаме транзитни центри, значи само прифатни, за кратко време, на бегалци што можат да поминат низ територијата на Република Македонија како што беше во изминатиот период. Не гледаме причина тој став да се промени, апсолутно дека ние можеме да соработуваме, заеднички да се штитиме од евентуален мигрантски бран меѓутоа не може Македонија да биде место каде што ќе имаме заеднички кампови и тука да бидат на подолг рок“, изјави Спасовски по состанокот на министрите за внатрешни работи од земјите на Западниот Балкан со нивните бугарски и австриски колеги, како и еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос.
До неговата изјава дојде откако Данска и Австрија, која го презема претседавањето на ЕУ на 1 јули, неодамна ја објавија идејата за отворање кампови за бегалци, чии барања за азил се отфрлени во ЕУ, со идеја тие луѓе да бидат префрлени во кампови „во Европа, но надвор од ЕУ“. Повеќе дипломатски извори од овие две земји прецизираа дека станува збор за земјите од Балканот, односно најверојатно Албанија.
Активистот Јасмин Реџепи истакнува дека не смее да се дозволи отворање на кампови за бегалции чии барања за азил се отфрлени во ЕУ, посочувајќи дека тоа би било противправно задржување на мигрантите и бегалците.
„Во 2016 година кога се затвори бегалската рута, во секоја од земјите од балканската рута останаа по 2500 бегалци на нивна територија. Уште тогаш реагирав дека мора да им се овозможи на тие луѓе да поминат зашто никој од нив не сака да остане тука. И да направиме капацитети ќе останат празни. Луѓето не сакаат, немаат интерес да останат. Ќе мора да ги задржуваме со сила. А, какво било противправно задржување на тие луѓе е кршење на нашите закони и конвенциите на ОН и на ЕУ. И Европа е свесна за тоа“ вели Реџепи
Агенциите, повикувајќи се на нацрт-документ што ќе биде објавен по Самитот на ЕУ, што ќе се одржи на 28 и 29 јуни, објавија дека ЕУ следната недела ќе почне со подготовка на „регионална излезна платформа“ врз чија основа ќе се одлучува за барањата за азил на мигрантите пред да стигнат во Европа.