Еулекс ги постави основите на правна држава на Косово

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Еулекс ги постави темелите, но не ја заврши работата на Косово

Европската унија деновиве го заврши своето децениско спроведување на законот и правдата на Косово, но критичарите велат дека мисијата не успела да го искорени криминалот и корупцијата во таа земја.

ЕУ ја започна својата најголема и најскапа мисија надвор од своите граници во 2008 година, кога Косово прогласи независност од Србија.

Мисијата на Еулекс имаше задача да се бори против корупцијата и организираниот криминал, како и да ги гони случаите на воени злосторства, кои датираат од конфликтот во периодот 1998-1999 година и за кои се сметаше дека се премногу чувствителни за да постапуваат локалните судии.

Но, Артон Демхасај од Коху (Разбуди се), организација за борба против корупцијата со седиште во Приштина вели:

„Видовме како Еулекс пополнуваше гигантски обвинувања за апсења луѓе во холивудски филмски стил, со цел само да и покажат на јавноста „тоа е она што го правиме“, а по 2-3 години овие обвиненија беа отфрлени или луѓето ослободени“.

Бројките на Еулекс покажуваат дека донеле 479 пресуди за кривични предмети, вклучувајќи за корупција, организиран криминал, перење пари, воени злосторства и трговијата со луѓе.

Но, судиите на ЕУ не успеаја да осудат некои високи косовски функционери за корупција и организиран криминал дури и по нивните апсења, кои беа поздравени како големи успеси.

Грчкиот дипломат Александра Пападопулу, шеф на мисијата на Еулекс пред завршувањето на мисијата изјави:

„Најпрвин, Еулексне беше за апсење луѓе. Еулекс дојде тука за да помогне во изградбата на институциите за владеење на правото, апсењата беа секундарни. Знам дека сите зборуваат за апсења, судења, бидејќи тоа е многу добро, многу се продава, добро е но во реалноста, ова не беше нашата главна работа“.

Според неа, Еулекс дојде на Косово за да помогне во градењето на владеењето на правото.

„Јас бев тука во 2000 година. Верувајте ми Косово од 2000 година и Косово од 2018 година е сосема поинакво на подобро. Дали е тоа совршено?". Не. Дали е завршена работата? Не. Но, Еулекс ја потврди мисијата како мисија за управување со кризи. Не дојдовме тука за да завршиме се, да ги замениме косовските власти. Дојдовме тука за да им помогнеме на косовските власти, да ги постават темелите на системот на владеење на правото. Мислам дека темелите се поставени“.

ЕУ задржа на Косово околу 500 вработени за да ги следат косовските институции, како и околу 90 полицајци од Полска.