Заев - поканата за НАТО е на дневен ред на самитот во јули

Премиерот Зоран Заев во Собрание на ратификација на Договорот со Грција

Точката за нашата покана за членство во НАТО е ставена на дневен ред на самитот на Алијансата што ќе биде одржан во јули. Ова пред пратениците го објави премиерот Зоран Заев пред изгласувањето на ратификацијата на договорот со Грција за името.

Потоа Собранието, со 69 гласови „за“, без против и воздржани, го усвои законот за ратификација на Договорот со Грција за името.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, како што најавија уште вчера, не учествуваа ниту во расправата, ниту во гласањето за законот.

Грција сега, по ратификувањето во македонскиот Парламент, треба да го извести претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск дека дава поддршка за почеток на членството на Македонија во ЕУ и да го извести генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг дека ја поддржува поканата за НАТО.