МВР: На синоќешниот протест повредени 17, а приведени 26 лица

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека на синоќешните, ако што вели, насилни протести пред Собранието биле повредени 17 лица, од кои 10 полицајци, а биле приведени 26 лица.

Според соопштението на МВР, „приведените 26 лица кои се однесувале насилно, ја туркале заштитната ограда, фрлале камења и пиротехнички средства кон Собранието и полицискиот кордон и се обиделе насилно да влезат во Собранието“.

„Околу 21:30 часот околу 50 демонстранти, движејќи се во група се упатиле кон плоштадот Македонија и насилно упаднале во два угостителски објекти, каде искршиле дел од инвентарот и предизвикале паника и страв кај присутните гости, а во еден објект демонстрантите врз гостите фрлиле солзавец. Во близина на хотелот Холидеј ин запалено е комбе“, се вели во соопштението од МВР.

Во врска со новинарот на порталот „Инфомакс“, МВР соопшти дека „тој одбивал да се легитимира и дал активен отпор, по што бил однесен во полициска станица, од каде, по утврдување на неговиот идентитет, веднаш бил пуштен“.