Поголем број граѓани вечерва пред македонското Собрание протестираа против договорот со Грција и против промена на уставното име на Македонија.
Тие со пиротехника, пеење патриотски песни и повици „Оставка од Заев“, „Бесилка за предавниците“, „Името не го даваме“... бараа договорот со Грција да не се потпише и му дадоа поддршка на претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, кој денеска рече дека нема да го прифати договорот.
Официјален организатор на протестите немаше. Повеќе групи со патриотски предзнак денеска на социјалните мрежи повикуваа на протести, а меѓу нив најчести беа повиците на вардаровата навивачка група „Комити“.
Меѓу демонстрантите имаше и поголема група со маскирани или покриени лица. Дел од нив, во еден период од протестите им се закануваа на некои од новинарите кои известуваа од протестот.
Страшо Олумчев, претседател на Семакедонскиот национален совет – Македониум, во изјава за медиумите рече дека граѓаните се собрале спонтано, револтирани од договорот со Грција и дека „овој протест е само предупредување зошто никој нема право да ѝ го смени уставното име на државата и дека право на националните прашања има само народот“.
Неколку од запалените бакли беа фрлени кон Собранието, кон кое цело време се фрлаа и шишиња, конзерви, камења...
Меѓу демонстрантите немаше политичари.
По повеќе од два часа, демонстрантите почнаа да си заминуваат од пред Собранието.