Нема да поддржам и да потпишам ваков штетен текст на договор, изјави денеска претседателот Ѓорге Иванов во неговото обраќање откако премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димотров му го доставија договорот за името меѓу Македонија и Грција.
Иванов рече дека ова е личен договор на Заев и Димитров, нивна лична одлука и одговорност, и оти на денешната средба им укажал дека тој претставува напуштање на досега изградените суштински државни позиции, кои биле потврдени на последните две лидерски средби: „тоа се неменување на Уставот и неприфаќање на име за севкупна употреба или „ерга омнес“, рече Иванов.
„Ваквиот штетен договор кој е единствен во историјата на човештвото, за мене е недостоинствен и неприфатлив. Со него се крши Уставот, Законите и се рушат државните институции. Нема да легализирам политички дивоградби, Владата не смогна сила и храброст да изградиме заеднички став и да се постигне национален консензус“, рече Иванов.
Тој додаде дека целиот преговарачки процес се водел несериозно, неодговорно и нетранспарентно за што, како што рече сведочел и крајниот резултат. Според него, текстот на договорот е поразителен за Република Македонија и дека со него не се предвидувало само промена на уставното име, туки промена на преамбулата и сите членови на Уставот каде се спомнува името и термините произлезени од името Македонија.