Иванов: Името не се решава по телефон, туку со широк национален консензус

Ѓорѓе Иванов

Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, оценува дека вчерашната изјава на претседателот на Владата Зоран Заев, дадена во емисијата „Топ тема“, дека евентуалното отфрлање на договорот со Грција ќе ги загрози перспективите на Македонија за влез во ЕУ и НАТО и зголеми внатрешните опасности „претставува очаен обид за манипулација на јавноста и наведување на македонските граѓани во пресрет на евентуално референдумско изјаснување“.

„Зачувувањето на уставното име и изнаоѓањето на решение кое нема да предизвика уставни промени, во никој случај не е насочено против интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО“, се наведува во соопштението од кабинетот на Иванов, од каде додаваат дека „претседателот Иванов смета оти е несериозно и неодговорно прашањето за името, кое е исклучително важно прашање за граѓаните на Македонија, да се решава телефонски и по пат на личен договор меѓу премиерите на двете држави“.

Во врска со повикот на премиерот Заев за поддршка на евентуалниот договор од страна на сите политички чинители, претседателот Иванов смета „дека е потребен широк национален консензус за изнаоѓање решение кое нема да го наруши достоинството на македонскиот народ и граѓаните“.