Самит САД - Северна Кореја: направен е голем прогрес

Ким Џонг Ун и Доналд Трамп, Сингапур, 12.06.2018

„Направен е голем прогрес и двете страни ќе потпишат договор“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп по денешната историска средба со лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун, во Сингапур. „Средбата помина подобро од очекувањата“, додаде Трамп.

Двајцата претседатели најнапред имаа 40-тина минути тет а тет средба, а потоа се одржа и состанок на двете делегации на највисоко ниво. Главна тема на самитот е денуклеаризацијата на Корејскиот полуостров.

„Не беше лесно да се дојде до тука, во минатото, практиките и предрасудите работеа против нас и имавме многу опструкции, но надминавме многу од нив и сега сме тука“, изјави северно-корејскиот лидер Ким Џонг Ун. Тој додаде дека многу луѓе ќе мислат дека ова се сцени од некој научно-фантастичен филм.

Ова е прва средба меѓу претседатели на САД и на Северна Кореја.