Тивка улога за името, Ноз закон за абортус, Трамп и кобасиците на Макрон...
МАКЕДОНИЈА / САД - Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел изјави дека САД продолжуваат да играат тивка улога во процесот на решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција.
МАКЕДОНИЈА - Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека се подготвува нов закон за прекин на бременоста и дека со измените на жената ѝ се дава можност за слободен избор за абортус до 12-та недела, во консултација со матичниот гинеколог. Слободен избор за прекин на бременоста жената ќе има и до 22 гестациска недела од бременоста, со оценка на комисија составена од двајца гинеколози и еден социјален работник.
МАКЕДОНИЈА - Во 89-тата година од животот почина истакнатиот македонски поет и академик Матеја Матевски.
КАНАДА - Лидерите на седумте индустриски најразвиени држави во светот, група позната како Г7, пристигнаа во Канада на, како што коментираат западните новински агенции, исклучително тензичен годишен самит, поради царините што неодамна ги воведоа САД кон сојузниците.
УКРАИНА - Поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, кој сега работи како советник на украинскиот претседател Петро Порошенко, изјави дека во случај на воен судир меѓу Русија и Украина, украинските сили би биле поразени и Русија би ја окупирала Украина за само неколку дена.
РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин, за време на одговарањето на телфонски прашања од граѓаните, настан што се организира еднаш годишно, рече дека една од целите на неговото претседателствување е да го преполови бројот на Русите кои живеат под линијата на сиромаштија, бројка која во моментов изнесува над 20 милиони луѓе, објави Асошиејтед прес. За таа цел, рече Путин, на Владата ќе ѝ требаат 129 милијарди долари.
АВСТРАЛИЈА - Австралиската Влада го повика основачот и извршен директо Марк Закерберг да даде објаснување во врска со најновиот скандал со дотавување на лични информации за корисниците на најголемата социјална мрежа на најмалку четири кинески компании.
БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА - Европската Унија обезбеди 1, 5 милиони евра за хуманитарна помош на бегалците и мигрантите во Босна и Херцеговина, соопшти Делегацијата на ЕУ во БиХ. Со ова вредноста на вкупната помош на ЕУ за Западен Балкан достигна 30 милиони евра од почетокот на мигратската криза.
ФРАНЦИЈА - Францускиот претседател Емануел Макрон телефонските разговори со американскиот претседател Доналд Трамп ги спореди со колбаси, искористувајќи го примерот на прускиот државник Ото фон Бизмарк, кој за разговорите со неговите тогашни соговорници велел дека се како колбасите и подобро е да не знаете што има внатре оти никогаш нема да ги јадете, објавија западните медиуми.
РУСИЈА - Имаме јасни препораки во случај на манифестации на расизам. Судијата има право привремено да го прекине натпреварот, па дури и да донесе одлука да не се доигра, соопшти претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, во пресрет на почетокот на Светскиот мундијал во Русија.