„Сè е врз наш џеб“

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Граѓаните сакаат заштита од ценовните покачувања

Коментирајќи ги покачувањата на горивата, граѓаните сметаат дека Владата треба да ги заштити од ценовниот удар. Од друга страна, ставот на Владата е дека приливите од зголемената акциза на горивата ќе биде во полза на граѓаните.

Цената на нафтата за една година се покачила од 30 до 35 проценти. Пресметките ги спроведе Стопанската комора на северозападна Македонија. За споредба, лани на 29 мај, бензините биле за 9,5 денари поевтини, а литар дизел пак, чинел 14,5 денари помалку. Ова има ефект врз трошоците на компаниите, а и врз џебот на граѓаните. Покрај ова, месецов се покачи и цената на месечниот билет за катните гаражи. Владата неодамна и најава дека планира и слободен пазар со електрична енергија, ноне можат да предвидат како ова би се одразило на цената на струјата. Граѓаните бараат да не се удира по нивните џебови.

„Па ставот е јасен на граѓаните, затоа што еве, не само што бензинот поскапе, поскапуваат и други работи, и цигарите се поскапеа, значи не е добро. Ако зборуваат дека има реформи, се прави нешто, ќе се работи, меѓутоа сè е по џебот на граѓанинот“, вели Глигор Бајлозов.

„Што да кажам кога решиле така да биде. Со години сме учени не само на тие поскапувања. Вчера за едно путерче, го видов дека е барем за 20 денари поскапо. Немам коментар “, рече Билјана Шуковска.

„Ужасно, што да ви кажам. По џебот на народот...“, вели една жителка.

Некои од нив сметаат дека малкумина можат да коментираат за поскапувањата, односно малкумина ги разбираат причините. Пред се, сметаат дел од граѓаните, морало да биде спроведена анализа, а и дека има влијание светската берза.

„На светскиот пазар се зголемува нафтата, нормално е, не само кај нас и во другите држави поскапува“, рече Зоран Неделковски.

„Тоа е нормална работа“, вели еден граѓанин.

Владата не планира промени околу покачената акциза на горивата. Нејзиниот став е дека е корисно за буџетот, за граѓаните, а и дека во Македонија се уште е најниска цената на дизелот. Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев посочи дека државата мора да ги применува светските пракси.

„Јас мислам дека ние ќе мораме да ги применуваме праксите онакви какви што се во светот, гледате дека во светот вредноста на тие горива се доближува – она што сакам да го кажам се две работи – првото е многу е важно да кажеме таа акциза каде ќе се употреби, значи таа акциза ќе се употреби во буџетот за корисни работи за граѓаните на Република Македонија и она што е многу важно, дизелот и понатаму во споредба со сите соседни држави, а не сакам да споредувам со државите од поразвиениот свет во Европа, и натаму во Република Македонија е најевтин“, изјави Анѓушев.

Граѓаните сметаат дека покачувањата треба да ги спроведе внимателно. Тие не сметаат дека ако Владата наумила нешто, ќе можат да ја предомислат.

„Па добро, треба да преземе ад хок, не треба одеднаш покачувања да има, треба да биде можеби тоа постапно“, вели Слободан Хаџи Митов.

„Уморна сум од вака испрашувања и објаснувања, оти секогаш излегува онака како ќе решат“, додаде Шуковска.

„Па Владата треба по итна постапка да ја намали акцизата, најмалку за износот за тој што ја зголеми после Нова Година, за 3,5 денари ја зголеми, сметам дека уште повеќе треба да ја намали за да се намалат негативните ефекти врз економијата“, рече Дејан Ристев.

Од друга страна, некои како Зоран Неделковски од Велес, сметаат дека секој треба да си ја планира потрошувачката кошничка според можностите.

Што се однесува до бензинот, тука ниедна влада не е имуна, не е моќна. Владата може единствено акцизата да ја намали, друго не верувам дека може нешто да направи плус. После и од нас си зависи, колку си возиме, потрошувачката зависи лично од нас. Еве да речеме јас во Скопје дојдов со автобус, можев да дојдам со моја кола, така? Меѓутоа поскапо ми е, и секој треба да си планира според можностите, оти кој не сака да се луксузира...“, рече Неделковски.