Заев: Зајакнување на мнозинството пред претстојните важни одлуки

Собраниска седница.

Во парламентот наскоро ќе бидат ставени на одобрување одлуки кои за РМ ќе донесат повеќе надеж, просперитет и благосостојба“, изјави премиерот Заев, образложувајќи ја владината реконструкција. За ВМРО ДПМНЕ реконструкцијата е пазарџиска без промена на миниситрите кои не донеле резултати.

Потребно е да се зајакне парламентарното мнозинство пред носењето на важни одлуки, изјави премиерот Зоран Заев образложувајќи ја владината реконструкција која опозицијата ја нарече козметичка. Заев рече дека пред Македонија е сериозно време, а оти изборот на новите членови на Владата што се совпаѓа со годишнината од нејзиното формирање, тој го направил водејќи се од професиналниот аспект на личноста и капацитетот. Со ротацијата во Министерството за правда влегува Рената Дескоска, нејзината биографија е повеќе од импозантна. Биографијата на Арбр Адеми дава гаранција дека тој ќе ги продолжи реформите во образованието, тој има искуство со оглед на тоа дека беше и вицепремиер во владата, рече Заев.

„Знаејќи дека ни престојат сериозни реформски активности и реализација на големи одлуки од пресудно значање за Република Македонија, поминаваме одреден период во консолидација и создавање услови за јакнење на парламентараното мнозинство, за да создадеме колку што е можно поголемо прифаќање на одлуките кои ни доаѓаат многу скоро. Тоа се одлуки кои ја определуваат иднината и историјата на нашата заедничка држава на сите граѓани. Во овој дом на демократијата наскоро ќе бидат ставени на одобрување одлуки кои за РМ ќе донесат повеќе надеж, просперитет и благосостојба“ изјави премиерот Заев.

Заев рече дека е уверен дека Македонија е на вистинскиот пат и дополни дека е среќен кога ќе се сети каде бевме а каде стигнавме. Тој оцени дека Македонија до пред една година беше држава во изолација и со тензии, а оти денес зборуваме за реално членство во НАТО и сосем извесен датум преговори за членство во ЕУ. Дополни дека е свесен оти граѓаните очекувале веднаш по „паѓањето на режимот“ да има идеална состојба, но истакна дека е потребно малку повеќе време за спроведување структурни реформи.

Тој до Собранието минатата недела достави предлог за нови министри според кој, за нова министерка за правда се предлага Рената Дескоска, за министер за образование и наука Арбр Адеми, за култура Асаф Адеми, и за министер без ресор Бардил Даути.

По обраќањето на премиерот, Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ, изјави дека реконструкцијата на владата е пазарџиска, за пет- шест пратеници, без политичка порака и без промена на министрите кои не донеле резултати.

Она што не го правите денеска е реконструкција во ресорите каде нема резултати или има потфрлување. Тука ќе ги споменам скандалите со труд и социјала, економскиот сегмент и други министерства. Вие лично од денеска ја преземате одговорноста за скандалите и нефукнционирањето на министерствата,” рече Димовски.

Според него, реконструкција по една година треба да биде одраз на реално признавање на слабостите, но според пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, тоа со оваа реконструкција не се демонстрира.

Димовски рече дека на овој начин Заев се обидува да вклопи други албански партии во владата од како што рече, други цели кои ќе следуваат, а не за подобри резултати.

Димовски, рече дека во повеќето ресори нема резултати.

Премиерот Заев одговори дека кога зборувал за сомнеж за корупција се однесувало на членови на извршан власт, а не за министри или за заменици министри, и побара да не му се извртуваат зборовите. Тој истакна дека резултатите од работата на владата за граѓаните се видливи.

“Драго ми е што почнавме дијалог за реформите што првите чекори заедно ги направивме. Реформите почнаа во судството, во безбедсносниот сектор, се надевам ќе продолжат во медиумите овде (во Собранието) каде што застанаа..., изјави премиерот.

Драган Данев, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ рече дека оваа влада ќе остане запаметена како „ќе влада“

- Не бива напредок со козметика. Имате тим што за една година не постигна ништо” рече Данев, Toj зборуваше и за забелешките за реформите во документот што беше неодамна објавен, но и за рејтинзите на власта.

Осврнувајќи се на критиките на пратениците од опозицијата дека царува криминалот и оти заробената држава ги штити криминалците наместо граѓаните, Горан Мисовски од НСДП рече дека лициемерно е ВМРО ДПМНЕ да зборува за состојби кои биле карактеристични за претходната влада.


„Пред да почнете да зборувате за криминал и корупција треба да се оградите од криминалот на претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и затоа актуелниот лидер на партијата Христијан Мицковски и партијата го имаат сегашниот рејтинг.” изјави Мисовски


Инаку експертите коментираат дека реконструкцијата на владата не се прави поради незадоволство на граѓаните од одредени состојби, туку поради партиски договарања поврзани со влегувањето на нови партии во владината колиција.

Дел од новиот владин кабинет на премиорот Зоран Заев станаа ДПА, Беса и Сојузот на ромите.