Словенија врти во десно

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Јанша по стапките на Орбан

Партијата на поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша, која вети дека ќе ги отфрли мигрантските квоти од ЕУ и барањата за зголемување на буџетот за одбрана, е фаворит на претстојните парламентарни избори во Словенија.

Со главно анти-имигрантска реторика, Словенечката демократска партија на Јанез Јанша, е главен фаворит на парламентарните избори во Словенија, што ќе се одржат во недела, на 3-ти јуни.

Во кампањата, оваа партија вети дека ќе ги отфрли квотите од Европската Унија за прием на мигранти, како и барањата за зголемување на буџетот за одбрана. На еден од нивните митинзи настапи и унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Јанез Јанша претходно во два наврати беше премиер на Словенија, а во 2013-та беше осомничен за корупција, па помина и 6 месеци во затвор.

„Има многу предизвици. Покрај оние во врска со развојот, за кои веќе дискутиравме, постојат и многу безбедносни предизвици, Словенија ја брани Шенгенската граница во Европа. Таа граница еднаш падна, а сега ние се соочуваме со последиците. Ние нема да дозволиме тоа повторно да се случи“.

Изјави Јанша, алудирајќи на големиот бран бегалци во 2015-та и 2016-та година.

На второ место, според анкетите, е новиот политички субјект, - Листата на Марјан Шарец, кој има спротивни ставови од Јанша.

„Ние сакаме да донесеме стабилност, и во внатрешната и во надворешната политика. Ние сме партија која ја претставува нормалноста, не го гледаме светот црно – бело, ги почитуваме човековите права“.

Се предвидува дека словенечката економија годинава ќе има раст од 5,1 отсто, но главни проблеми има во здравството, каде што има недостиг од пресонал, како и во пензискиот систем, каде што поради стареењето на населението, притисокот врз буџетот е се поголем.

Како и да е, гласачите, се чини најмногу ги привлекоа слоганите на партијата на Јанша, и тоа во врска со мигрантите, бидејќи сеуште се свежи сеќавањата кога над милион бегалци и мигранти поминаа преку балканската рута, низ Словенија.

Политичкиот аналитичар Миха Ковач, вели:

„Оваа изборна кампања беше брилијантна за словенечки стандарди, тие (СДС) копираа многу работи од Фидез во Унгарија, многу работи од американските ултра-конзервативни републиканци. Направија микс во едно и навистина завршија добра работа“.

Но, доколку СДС, на Јанез Јанша и навистина победи на изборите, како што покажуваат анкетите, другите партии истакнуваат дека нема да соработуваат, што значи дека тешко ќе формира влада. Аналитичарите очекуваат долгу преговори по изборите и прогнозираат дека веројатно Словенија до септември ќе нема нова влада.