Тетовци кои веруваат дека како добри домаќини навреме треба се снабдат со дрва за греење на зима, уште отсега ги купуваат. Сепак, дел од нив се свесни дека горењето на дрвата го интензивира загадувањето на воздухот па потребно е да се размислува и за алтернатива во затоплувањето на домовите.
„Од оваа година ќе се грееме со пелети. Инсталиравме систем за централно со пелети па што ќе биде не знам. Досега со дрва, сме трошеле по осум метри“.
„Со дрва мислам дека е малку проблематично зашто ние гледаме кој го загадува воздухот. На второ место загадувач на атмосферата во градов, во сите градови, после колите доаѓаат горивата“.
„Тие што се најдомаќини ги земаат април-мај зашто цените на дрва се пониски. Кога ќе дојде таму октомври, ајде сега дрва не сме купиле, тогаш има друга цена“, велат анкетираните тетовци.
Од складиштата за продажба на огревно дрво велат дека вообичаено први купувачи се пензионерите. Овој период веќе се распрашуваат за цени и одлучуваат за бројот на кубни метри потребни за наредната грејна сезона.
„Има купувачи ама е слабо. Засега е слабо. Понатаму здравје, не знаеме ни ние. Проблемот е кај парите. Треба да се соберат пари па да земат дрва“, вели продавач од Тетово.
Користењето на гасот како начин да се загреваат просториите, но и да се намали загаденоста на воздухот е долгоочекувана промена за граѓаните. Сепак, тетовско и гостиварско ќе мора да почекаат уште најмалку две години.
„Тврдам дека согласно роковите, а тоа е 2020 година, бидејќи гасификацијата е еден првите три топ приоритети на Владата согласно роковите ќе биде завршена. Најголем дел од експропријации, согласно средствата кои од буџетот на Република Македонија се одделени годинава за гасификација, се 40 милиони евра од кои 8 милиони евра ќе бидат употребени за гасификација. Тоа е сериозен показател дека тие службености како што е експропријацијата ќе бидат завршени“, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Цените на еден кубен метар огревно дрво годинава се слични на ланските, односно се движат од 3.100 денари и повеќе, велат од складиштата за продажба.