Дали Русија е за чесен дијалог со НАТО?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

НАТО со цврст став, но и отвореност спрема Русија

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг најави дека на следниот самит во јули фокусот ќе биде ставен врз одговорот на Алијансата на потезите на Русија, но и врз можноста за дијалог со Москва. Од друга страна, полскиот претседател Анджеј Дуда изрази сомневање дека Русија е заинтересирана за „чесен дијалог“.

На состанокот на парламентарци од земјите членки на НАТО во Варшава, Столтенберг оцени дека сајбер нападите и труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал, што тој и го препиша на Русија, укажува на се „побезобзирното однесување“ на најголемиот сосед на НАТО.

Тој додаде и дека Москва значително го зголеми своето воено присуство на границите на НАТО.

Сепак, како што изјави, „силната и цврста“ порака до Русија мора да биде комбинирана со отвореност за дијалог за да се избегнат опасни ситуации.

„Мораме да разбереме дека Русија е наш сосед, Русија е таму да остане, па затоа треба да ја најдеме оваа комбинација од силна и цврста порака и да бидеме многу јасни кога го кршат меѓународното право, меѓународните правила“.

Од друга страна, полскиот претседател Анджеј Дуда, говорејќи на крајот од состанокот изјави дека Русија не е заинтересирана за „чесен и конструктивен дијалог“.

„Би сакал да нагласам дека искуствата од изминатите две години не ни дадоа никаква основа да веруваме оти е можна поширока соработка меѓу НАТО и Русија, уште повеќе покажаа дека Москва не е заинтересирана за чесен и конструктивен дијалог“.

Земјите-членки на НАТО, Полска и балтичките држави сега имаат мултинационални баталјони од околу 1.000 војници во секоја земја, како дел од потезите на НАТО за подобрување на одбраната на регионот по руската анексија на Крим.

Полскиот премиер Матеуш Моравиецки пак, оцени дека гасоводот Северен поток Два, од Русија до Германија, чија подготвителна работа започна во минатата недела, претставува закана за Европа.

„Денес, делегатите на Пленарното собрание на НАТО мора да се запрашаат дали безбедноста на сите членки е загрозена. Гасоводот „Северен поток 2“ претставува закана за енергетската сигурност и европската солидарност. Сведоци сме на пресвртна точка“.

Нафтоводот ќе го удвои извозниот капацитет на Русија на 55 милијарди кубни метри во Германија.

Источноевропските и балтичките држави се плашат дека со тоа ќе се зголеми потпирањето на Европа врз рускиот гас и ќе биде поткопан профитабилниот транзитен гасовод преку Украина.