Лидерот на грчката опозициска партија Кирјакос Мицотакис изјави дека тој би го решил спорот за името кога тоа решение би им служело на националните интереси.
„Дваесет години живееме со овој проблем, со ова нерешено прашање, според тоа можеме да живееме уште 2-3 години. Доколку јас имам политичка одговорност, проблемот ќе се реши, кога ќе оценам дека ова решение ќе им служи на националните интереси“, вели Мицотакис во интервју за грчката телевизија „Скај“и додава дека неговата партија никогаш не рекла дека не сака решение, но потребно е тоа да биде согласно со грчките услови.
Тој повтори дека како неопходен услов е уставната ревизија и елиминација на иредентизмот за да може да постои комплетен пакет договор. Според него, предлогот Република Илинденска Македонија е најлошото можно име.
„Тоа е ерга омнес на иредентизмот. Го гледаме сирењето, а не ја гледаме стапицата, бидејќи името сугерира на иредентистичките визии на соседната земја“, коментира Мицотакис.