Во зградата на ОН во Њујорк започна средбата на министерите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, со медијаторот Метју Нимиц, објави министерот Димитров на неговиот твитер профил. Во пресрет на новата рунда разговори за името, Димитров и Коѕијас одржаа посебни средби со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш на кои се разговарало за последните случувања од разговорите за надминување на разликата околу името што се одвиваат под покровителство на Светската организација.
“Со визија и лидерство на двете страни имаме историска шанса да затвориме еден повеќедецениски, историски спор,” порача Димитров по средбата со Гутереш.
Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, пак, по средбата со генералниот секретар на ОН, во пресрет на денешната нова рунда разговори со неговиот македонски колега и медијаторот Нимиц, изјави дека решенија се решенијата со компромис, другата страна да има прагматизам и реализам за да најде решение.
Прашан дали од Нимиц очекува да достави синтетичен предлог од сето она што го доставиле двете страни, Коѕијас вели дека Грција го сторила тоа, но останува отворено прашањето со името.
“Од Нимиц ја очекуваме неговата мудрост за време на преговорите”, изјави шефот на грчката дипломатија и објасни дека преговорите се поделени на два дела, оние меѓу министрите за надворешни работи кои разговараат за централните политички прашања и меѓу техничките групи.
Средбата во Њујорк следи по минатонеделните разговори на премиерите на двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија на кои опцијата Република Илинденска Македонија беше издвоена како најприфатлива.