Пекинг нема објаснување за чудните симптоми на американскиот дипломат во Кина

Кинеското МНР денеска соопшти дека засега не може да најде објасување за „необичните симптоми“ на кои се пожали службеникот во Конзулатот на САД во јужниот кинески град Гуангжу.

Како што соопшти американскиот Стејт департмент, вработениот во Конзулатот се жалел дека слуша чудни звуци и чувствува невообичаен притисок во главата.

Портпаролот на кинеското Министерство, Лу Канг изјави дека Кина започнала „внимателна проверка“ на инфомацијата и за првичните сознанија ја известила американската страна.

Случајот потсетува на сличните искуства на американски дипломати и нивните семејства на Куба, кои лани во мај пријавија низа необични симптоми, како последица на чудни звуци, што беше поврзувано со теории за звучен напад, електромагнетно оружје и неисправни прислушни уреди, а што ги влоши односите на Хавана и Вашингтон.