Владата ќе субвенционира домашни и странски авиопревозници

Владата ја усвои Програмата и уредбата за финансиска поддршка за домашни и странски авиопревозници. Во овој момент не се знае колку и кога ќе бидат потпишани овие договори и кои компании ќе бидат заинтересирани за субвенции.

Владата ја донесе Програмата за определување средства потребни за доделување финансиска поддршка за домашни и странски авиопревозници, но засега останува непознато кои компании ќе добијат субвенции.

„Со оваа уредба се уредуваат условите, начинот и постапката за доделување на финансиската помош, за содржината на договорот, правата и обврските на давателот и корисникот на финансиската поддршка на домашни и на странски превозници. Уште не знаеме кој, колку и кога ќе бидат потпишани овие договори и кои ќе бидат заинтересирани, но во моментот кога ќе се случи тоа,ќе ве информираме истовремено,“ изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

За оваа намена, од буџетот на министерството за транспорт и врски се издвоени 54 милиони денари за оваа година, но финансиската конструкција е направена за три години, потврдуваат од ресорното министерство. Инаку договорот на државата со нискобуџетската авиокомпанија “Визер“ истекува во јуни,а наскоро ќе биде формирана комисија која ќе работи на утврдување на критериумите на тендерската постапка која треба да отпочне до крајот на јуни.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески изјави дека во план е да се направи големо подобрување на моделот за субвенционирање на нискобуџетските авиокомпании и дека интенцијата е колку што може повеќе летови да бидат насочени кон Охридскиот аеродром.

Од владата информираат дека основната цел поради која е донесена програмата е определување на финансиски средства потребни за доделување на финансиска поддршка за побрз развој на цивилното воздухопловство што според нив, ќе придонесе за зголемување на авиопревозниците кои ќе оперираат од и кон македонските аеродроми, ќе се зголеми бројот на патници, нови дестинации и ќе се подобри нивото на квалитет.

Инаку досегашната пракса покажува дека субвенциите зависат од реализираните летови и од дестинациите, а годишно се исплаќаат по нешто над 100 милиони денари. Пред година и пол Европската комисија отвори и истрага за субвенциите кои македонската Влада и ги дава на унгарската компанија Визер. Од „Аустриан ерлајнс“ тогаш соопштија дека Владата ја поттикнува нелојалната конкуренција во авиосообраќајот и дека навистина е тешко да се натпреваруваат со субвенционирани нискотарифни компании.

Во ноември 2016 година авиокомпанијата Алиталија ги укина летовите од Рим до Скопје, а претходно беа суспендирани и летовите од Женева и Прага. Неофицијално причината била субвенционирањето на ниско буџетните авиокомпании.

Според упатените, од суштинско значење е Македонија да има свој национален превозник со цел зголемување на бројот на патниците, како и за натамошно стимулирање на националната економија. Се смета дека национална авиокомпанија дополнително би го засилила растот на македонските аеродроми, создавајќи нови можности за патниците и бизнисите.