Поранешниот помошник-министер во МВР Ѓоко Поповски е виновен за злоупотреба на службена положба и овластување и доби казна затвор од девет години, пресуди денес Кривичниот суд по случајот „Триста“ на СЈО.
Судијката Добрила Кацарска рече дека на Поповски му се судело за злоупотреба на службената положба и овластување и, како што рече, „неспорно е дека Поповски ја донел и потпишал одлуката за јавна набавка на 300 возила. Набавката на возилата била поделена во три лота, и наместо најповолниот економски понудувач, Поповски склучувал договори со други фирми за набавка на возила“.
Специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи побара притвор за Поповски за да биде спречено негово можно бегство.
Во случајов била нанесена штета од 27.894.522 денари.
„Судот цени дека Извештајот за постапката бил спротивен на Законот за јавна набавка и Поповски не смеел да го прифати. Овде предметот најповолна понуда не е запазен“, рече судијката Кацарска.
Поповски е еден од обвинетите и во случајот „Тенк“ за набавката на мерцедесот на Владата за 600 илјади евра.