Заев ослободен, НБРМ доби гувернерка, Дали кампањата на Трамп била шпионирана...

МАКЕДОНИЈА - Кривичниот во Скопје го ослободи од обвинение премиерот Зоран Заев за случајот Поткуп. Според Судот, Обвинителството неуспеало да докаже дека Заев го сторил делото. Премиерот беше обвинет дека побарал поткуп од струмички бизнисмен додека беше градоначалник на Струмица. За ВМРО-ДПМНЕ ослободувањето на Заев е неправедно.

МАКЕДОНИЈА - Ослободителна пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски побара адвокатот Димитар Дангов во воведното обраќање пред судот во предметот на СЈО Титаник. На претходното рочиште, обинителката Лиле Стефанова во воведот побара да се конфискува имот на обвинетите Груевски и Мартин Протуѓер во вредност од над 550 илјади евра.

МАКЕДОНИЈА - Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, на новинарско прашање Каде ја гледа својата одговорност ако не успее преговарачкиот процес за решавање на долгогодишниот спор за името, на ТВ1, изјави дека е подготен да ја понесе одговорноста ако не успеат преговорите со Грција за името.

МАКЕДОНИЈА - Собранието, со 81 глас ЗА и ниту еден ПРОТИВ или ВОЗДРЖАН, ја избра Aнита Ангеловска Бежоска за гувернерка на Народната банка на Република Македонија.

ГРЦИЈА / МАКЕДОНИЈА - Грција инсистира на тоа дека најдобро решение е избор на едно име од оние што ги достави медијаторот Нимиц во неговите предлози, изјавил портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Димитрос Ѕанакопулос, во интервју за грчкото радио Реал фм.

МАКЕДОНИЈА - Македонскиот планинар Георги Петков од Гевгелија починал од срцев удар на Хималиаите во обид да го освои највисокиот врв Монт Еверест. Веста за смртта на 63-годишниот македонскиот алпинист ја потврдил менаџерот на базниот логор Ками Нуру Шерпа.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе побара од Министерството за правда да испита дали тоа Министерство и ФБИ ја шпионирале неговата претседателска кампања и дали имало такви барања од админситрацијата на неговиот претходник Барак Обама.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Рускиот олигарх Роман Абрамович, кој е сопственик на англискиот фудбалски гигант Челзи, не може да добие британска виза по новонастанатите затегнати односи меѓу Обединетото Кралство и Русија поради случајот Скрипал, објави британскиот Дејли Меил.

ЦРНА ГОРА - Началникот на службата за обезбедување на црногорската државна граница Војислав Драговиќ изјави дека Црна Гора ја разгледува можноста да постави ограда долж границата со Албанија за да ја запре илегалната миграција.

ВЕНЕЦУЕЛА - Изборниот совет на Венецуела го прогласи претседателот Николас Мадуро за победник на изборите кои Соединетите држави ги оценија како измама, а опозицијата најави дека нема да ги признае како легитимни.