Ердоган: Европа падна на испитот по демократија

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ердоган бара поддршка од Турците во Европа

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на митингот во Сараево ги искритикува европските земји, кои одбија да му дозволат да одржи предизборни предизборни собири на нивната територија. Тој исто така ги повика турските иселеници да гласаат за него и неговата владејачка партија на изборите следниот месец.

Претседателските и парламентарните избори на 24-ти јуни, според посматрачите ќе претставуваат потврда на вртењето на Турција кон моќен, извршен претседателски систем, кој беше тесно одобрен на референдумот во минатата година.

На митингот во сараевската спортска сала „Зетра“ каде што околу 15 илјади поддржувачи на Ердоган вееа знамињата на Турција и на Босна и Херцеговина, тој рече дека европските Турци го поддржуваа во минатото и оти сака така да биде и следниот месец.

„Како Турци во Европа, вие не поддржувавте на изборите во ноември 2015, како и на јавното гласање во април лани. Сега повторно ни треба вашата поддршка за изборите на 24 јуни“.

Пред минатогодишниот референдум, турски министри посетија неколку европски земји, вклучувајќи ги и Холандија и Германија, кои имаат големи турски заедници, за да соберат поддршка за промените.

Меѓутоа, тамошните власти ги спречија да го сторат тоа, поради, како што беше наведено, безбедносни причини.

И покрај сегашното противење во Европа на турската кампања во странство, Ердоган во минатиот месец рече дека сепак ќе одржи предизборен собир во европски град.

„Во време кога славните европски земји кои сметаат дека се лулка на демократијата паднаа на испит, Босна и Херцеговина покажа дека не е наводна, туку вистинска демократска земја со тоа што ни даде можност да се собереме тука“.

Наведувајќи дека многу Турци заминаа во европските земји за да го остварат својот сон за иднината, Ердоган оцени дека Турција од секогаш имала историски односи со европските земји.

Според него, Турците во Европа никако не смеат да ги уништат врските со татковината и оти дојде време за обединување на сите Турци.

„Чувајте ги верата и јазикот. Ако го загубите тоа ќе бидете и вие загубени“, рече тој на митингот на кој изјави и дека поранешниот претседател на Босна и Херцеговина Алија Изетбеговиќ пред неговата смрт му оставел завет.

„Ми рече Ердогане, погрижете се за ова подрачје. Ние БиХ никогаш не ја сметавме за друго подрачје. Секогаш ќе бидеме со БиХ. Европскиот простор за нас не е ништо ново“.

Тој во Сараево го посети гробот на Алија Изетбеговиќ, а имаше средба со претседавачот на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ.