Грција индиректно го отфрли предлогот Илинденска Македонија

Алексис Ципрас - премиер на Грција

На индиректен начин, преку ставот дека согласно со предлозите на посредникот во спорот Метју Нимиц треба да се најде име што ќе има географска или временска одредница, од кабинетот на грчкиот премиер, Алексис Ципрас го отфрлаат прифатениот предлог од македонска страна за „Република Илинденска Македонија“, јавува дописничката на МИА од Атина.

“Го поздравуваме прифаќањето од ПЈРМ дека решението на името не може да постои без усвојување на ерга омнес име, односно за севкупна употреба. Сепак, ги охрабруваме нашите соседи да продолжиме заедно да работиме на изнаоѓање на заемно прифатливо решение со географска или временска одредница токму како што предвидува пакетот предлози што ги достави специјалниот претставник на ОН, Метју Нимиц”, пишува во соопштението од кабинетот на Ципрас, јавува МИА.

Само неколку часа претходно Ципрас ги информираше парламентарните лидери и претседателот на Грција за последниот предлог за името, но не доби поддршка за „Илинденска Македонија“. Сите опозициски лидери го отфрлија предлогот оценувајќи дека со него „се зајакнува иредентизмот“.

Тој денеска зборувајќи пред централниот комитет на неговата партија СИРИЗА рече дека нема дилема дека преговорите за името се наоѓаат на круцијална точка и дека тие ги бранат националните линии со внимателни чекори, пренесува грчката агенција АМНА.

Работиме на решение кое нема да биде кршливо и нема да пропадне за неколку месеци и кое нема да се одрази врз достоинството и историјата на двете земји, рече Ципрас.

“Не ги сменивме нашите позиции и покрај притисок”, рече Ципрас нагласувајќи и таму дека позицијата на грчката влада е географска или временска одредница за секаде односно ерга омнес.

Тој додаде дека се блиску до решение но дека последните чекори се најтешки.

Македонскиот премиер Зоран Заев, пак, по лидерската средба рече дека овој предлог е можен компромис за спорот за името.