Дали „Поткуп“ и „Тенк“ ќе ја вратат довербата во судството?

Архива: Премиерот Зоран Заев на судење за случајот „Поткуп.“

Следува период во кој ќе бидат познати пресудите за неколку предмети, меѓу кои „Поткуп“ и „Тенк.“ Експерти очекуваат судовите да работат законски, истакнувајќи дека мал е временскиот период да се даде генерална оценка дали правосудството почнало да работи нормално.

Судските процеси, во кои обвинети се актуелниот премиер Зоран Заев и поранешниот премиер Никола Груевски, влегуваат во завршница. Судот в понеделник ќе ја објави пресудата за случајот на ОЈО „Поткуп“ во кој е обвинет Заев, а Груевски два дена потоа ќе слушне каква ќе биде судската одлука за случајот на СЈО „Тенк.“

Тоа не се единствените судски процеси кои треба скоро да завршат. На 22 мај се очекува и судска разрешница за предметот на СЈО „Триста“ и завршни зборови за „Тендери“ и „Тотал.“

Заев во „Поткуп“ е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од над 160 илјади евра од бизнисменот Иван Николов за продажба на државно градежно земјиште, а Груевски во „Тенк“ дека го искористил влијанието за набавка на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра, фаворизирајќи една фирма.

За кривичното дело за кое е обвинет Груевски во „Тенк“ предвидена е затворска казна од една до три години, додека Заев може да добие казна затвор од една до пет години, откако обвинителката на последното рочиште го преиначи обвинението од „примање поткуп“ во „барање поткуп.“

И двајцата после секое рочиште редовно ги коментираа процесите против нив, велејќи дека се политички, а не правни.

Заев смета дека во случајот „Поткуп“ е наместен за тогашната власт да го спречи објавувањето на политичките „бомби, додека Груевски, конкретно за случајот „Тенк“, вели дека е фабрикуван политички процес, во кој судиите носат одлуки по политички нарачки.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски смета дека враќањето на довербата во правосудството е можно доколку актуелните предмети ги работат судии, кои во минатото биле на маргините и кои ќе вложат напори да се потврди дека се објектвини во работата.

Според него, мал е временскиот период да се даде генерална оценка дали правосудството работи нормално и законски, но очекува поинаква разврска во судовите каде ќе почнат да се почитуваат доказите и законите.

„Сега е суштествено какви се доказите. Ако од доказите несомнено извира дека лицата кои се обвинети се сторители на кривично дело, судијата нема многу избор, ако е оставен сам без било каков притисок, да ја донесе правилната оценка“, вели Трпеновски.

Во пресрет на соопштувањето на пресудите за двата случаи, од партијата на Груевски ВМРО-ДПМНЕ денеска во соопштение наведоа дека правосудството во Македонија е на колена, дека судиите работат под политички притисок, а пресудите за Заев и Груевски се знаат однапред.

„Во Македонија законите не важат подеднакво за сите, судиите судат според желба, а не според докази и факти“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Судските реформи се приоритет и за приближувањето на земјава кон Европската унија и од нив во голем дел ќе зависи какво ќе биде судството во иднина.

Собранието на почетокот на месецов ги донесе Законот за судовите и за Судсиот совет, на чие усогласување работеа групи од власта и опозицијата.

Но, недостатоткот на независноста во правосудството беше наведен во новиот извештај на Стејт департментот на САД за почитувањето на човековите права во Македонија. Во него се вели дека неказнивоста за злоупотреби останува широко распространет проблем во земјава.