Специјалното јавно обвинителство во завршните зборови за предметот „Тенк“ побара судот да ги прогласи за виновни, поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот помошник-министер Ѓоко Поповски, како и тие да ги платат судските трошоци во висина од околу 5000 евра.
Обвинителот Гаврил Бубески порача дека Груевски додека бил премиер дејствувал со директна умисла и делото го направил од лична желба, но со буџетски средства.
Адвокатите на одбраната во завршните зборови посочија дека набавката на возилото била неопходна поради безбедносни и технички причини. Адвокатот Сања Алексиќ рече дека не се докажува делото за кое е обвинет Груевски и предложи ослободителна пресуда.
Груевски, Поповски и поранешната министерка на министерството за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на која и се суди во одвоена постапка се обвинети за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра.