Неправично е во платите на буџетските корисници да има толкави разлики, реагира Генералниот секретар на Синдикатот на работниците во административните органи, Трпе Деановски, коментирајќи ги податоците за платите кои ги добиваат вработените во јавната администрација.
Според последните истражувања највисоки плати во администрацијата добиваат вработените во Регулаторната комисија за домување, каде просечната нето плата во 2016 изнесува 90.125 денари, додека најмали плати земаат вработените во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор во висина од 300 евра.
Не може едни да добиваат се, а други ништо, вели Деановски.
Тој наведува дека голем дел од вработените во јавната администрација, со платите кои ги земаат, се на работ на опстанок и укажува дека сите агенции треба да работат согласно буџетот.
„Не се само вработените во Секретаријатот за Рамковен, се работи за голема категорија на вработени во судството и други ресори, бидејќи има луѓе кои работат за плати од 13 и 15 илјади денари, а од друга страна луѓе кои работат за плата од 90 илјади денари. Разликата е преголема“, вели Деановски.
Генералниот секретар на Синдикатот вели дека не му е познато дали институциите со многу повисоки плати имаат сопствени буџети и статути, но наведува дека оние кои се раководат од законот за администратвни службеници се под капата на Министерството за финансии. Од Синдикатот објаснуваат дека во тие институции за висината на платата на било кој од вработените мора да има потпис од министерот за финансии.
Професорот Темелко Ристевски вели дека недозволива е таква разлика во плати и нагласува дека држвата мора да се избори со изнаоѓање механизми тоа да не стане пракса.
„Тоа е единствен систем на јавна администрација и во тој систем треба да се направи врамнотежување и не смее да има такви огромни разлики во просечни плати. Во регулаторна комсија да има 90 илјади денари, не треба таква разлика. Се работи за пари од буџетот и за пари од граѓаните и тоа боде очи со огледа на вкупната ситуација во земјата. Еве јас сум универзитетски професор и за мене е неостварлив сон плата од 1500 евра“ коментира професорот Ристевски.
Со години се бараат колективни договори
Од Синдикатот со години бараат платите да се регулираат со колективни договори. Од таму посочуваат дека има институции во кои вработени немаат ниту основни сретства за работа . Синдикалците реагираат и на актуелните случаи со висината на патните трошоци на пратениците и се жалат дека на вработените во администрацијата не им се исплаќаат надоместоци.
„Немаат луѓе компјутери на кои ќе се ја завршат својата работа, зборувам за луѓе со високо обрзоване, за лица со докторати, а земаат плата од 20 илјади денари максимално. Имаме случај државата за едни да е мајка, а за други маќеа“ вели Деановски
Според последните податоци што ги објави Заводот за статистика просечната плата во Македонија изнесува 24 илјади денари. Во анализата за платите во јавната администрција, што ја направи Фондацијаат за демократија и која е финансирана од Велика Британија, се наведува дека просечен износ на бруто плата кај буџетските корисници изнесува околу 42 илјади денари, што е за речиси 10 илјади денари повеќе во однос на просечната бруто плата во Македонија.