„Давајте шанса, давајте поддршка“, апелираат младите

Говорници во „Моја Порака“

Младите не чувствуваат поддршка од институциите, е заклучокот од видео прилозите „Моја порака“ на Радио Слободна Европа. Младите скејтери, стрип автори, макетари, пилоти на дронови, гејмери, блогери и други бараат државата да ги уважи нивните интереси.

Македонија има Национална стратегија за млади, но таа е за подолг период со општи цели, без детали. Неодамна, на владина седница се зборуваше за младински политики. Тогаш Владата одлучи со 16,5 милиони евра да стимулира програми и мерки за вработување на млади оваа година. Соопштија дека околу 20 милиони евра ќе се одвојат за подобрување на образованието, 1,3 милиони евра ќе се одвојат за подобрување на условите во ученичките и студентските домови. Дополнително, планираат 11 милиони евра за зајакнување на студентскиот стандард, а за капитални инвестиции во образованието ќе се одвојат 35 милиони евра. Заедно со невладините организации, Владата планира стимулирање на самоорганизирање на младите.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Денешните генерации бараат повеќе шанси

Но младите, како слободниот ум во општеството, сакаат да ја негуваат својата креативност во различни дисциплини. Некои од нивните хобиа не се препознаени од институциите, а во некои пак сметаат дека не се вложува доволно.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Младите да зборуваат, институциите да слушаат

Тргнувајќи од спортските дисциплини, дигиталните атлетичари односно гејмерите засега не се препознаени како спортисти, но очекуваат наскоро да бидат. Со институционалната поддршка што ја очекуваат, од Македонската е-спорт федерацијата велат дека имаат големи планови за младите кои сакаат да играат компјутерски игри и се пасивни.

„Најверојатно ќе бидеме и прва држава во регионот, можеби и во континентална Европа во која што ќе биде официјално признат е-спортот. Ние планираме отворање е-спорт Академија, така што може една многу голема популација која што е малку пасивна во поглед на вработување и социјални активности да им дадеме сосема ново значење и да ги насочиме кон нешто многу позитивно“, изјави Бобан Тотовски, претседател на Македонска е-спорт федерација.

Од друга страна, Миа Блажевска Еминова е 12 годишно девојче кое урива рекорди во една од традиционалните спортските дисциплини - пливањето. Таа смета дека повеќето млади треба да пливаат пред се заради здравјето. Нејзиниот тренер Илија Стојановски, со кој вежбаат секој ден освен в недела, очекува поголема институционална заложба за овој спорт.

„Сметам дека институциите и државата треба да направат повеќе базени. Пливањето е спорт што може да спаси човечки живот“, изјави Стојановски.

Слична е состојбата со уметничкото лизгање. Нина Стрезовска, студент и уметничка лизгачка, освојува награди во странство, а лани и годинава освои прво меѓународно и државно место на „Skopje on Ice“. Таа истакна дека Македонија има голем број талентирани деца кои ја претставуваат во странство и освојуваат награди.

„Но навистина ни е потребно едно затворено лизгалиште кое ќе работи 12 месеци, со цел да можеме уште повеќе да го развиеме спортот и некогаш и ние да бидеме на зимските олимписки игри“, вели Стрезовска.

Квалитетни млади натпреварувачи имаме и во тркање со дронови и урбани танци. Тие ги мотивираат и нивните генерации да ги истражат овие активности, но очекуваат и интституционална шанса.

Дроновите се користат за многу добри работи, имаат многу голем потенцијал. Институциите треба да бидат тука, да не пратат и да ни овозможуваат да бидеме во тек со технологијата“, рече Ѓорѓи Синадинов, пилот на дрон.

За да се искористи, а да не се троши времето на интернет, да се прочита некој стрип, велат стрип авторите. Според нив, со институционалната финансиска помош би се заинтересирале повеќе млади.

„Стрипот е навистина добар начин да се помине времето, не да се потроши , туку да се помине, да се искористи максимално. Имаме многу можности и ако го цениме тоа веројатно многу подобро ќе го трошиме времето отколку само на социјалните мрежи и бледо зјапање во нешто“, изјави Јована Велинова, стрип артистка.

Според уметниците, стрипот долго време е дискриминиран и оваа заедница и култура тешко опстојува.

„Институциите веројатно може финансиски малце повеќе да помогнат, значи стрипот отсекогаш бил на маргините. Треба повеќе средства во стрип издаваштвото да вложат“, истакна стрип авторот Игор Јовчевски.

Но, младите знаат и да го искористат своето време во хуманитарни активности и да помогнат да се подигне свеста за сиромаштијата. Така, млади твитерџии веќе три години делат оброци секоја сабота во центарот на Скопје. Тие бараат законски промени и системска поддршка за намалување на сиромаштијата.

Остатокот од денешниот ручек на некого може многу да му смени, а на нас нема апсолутно ништо да ни значи. Законски мерки за донирање на храна со кој што ќе им се олесни на рестораните и производителите на храна да го дадат вишокот на храна кој може да се употреби и да се на некој начин социјалниот момент да се стави во преден план за решавање“, рече Катерина Гогова, од иницијативата „Ретвитни Оброк“.

Ана Голејшка, исто така дел од организаторите, смета дека треба да се поттикнат рестораните и дистрибутерите, да им се даде шанса и тие да помогнат, а и да можат да донираат со ослободување од некакви давачки.

Голем дел од овие млади спортисти, уметници, креативци и хуманитарци сметаат дека покрај институционална помош, потребна е и граѓанска поддршка. Поточно, очекуваат и од возрасните препознавање на новите дигитални трендови и креативните активности.