Денешното задолжување на државата со 16 милиони евра за ВМРО-ДПМНЕ е показател дека Владата на Зоран Заев нема капацитет и дека ова е само продолжение на секојдневните нерационални потези на СДСМ.
„Криминалниот картел на Заеви ја узурпираше државата и ја однесе на работ на амбис. Триото Заев-Тевдовски-Анѓушев секојдневно ја уништуваат економијата, а наспроти тоа нема нови инвестиции, нови работни места, повисоки плати, пензии и стипендии, нема нови болници, градинки, училишта и студентски домови, нема нови инфраструктурни проекти“, реагираа вчера од најголемата опозициска партија.
Според ВМРО-ДПМНЕ, за првите три месеци во оваа година, „Владата ја задолжила државата за нови 300 милиони евра, од кои 25 милиони евра задолжување се направени за само две недели“.
Опозицијата смета дека со тоа е помината психолошката граница на јавниот долг од пет милијарди евра, што предизвикува, како што велат, страв кај граѓаните.
Враќаме долгови направени од ВМРО-ДПМНЕ
Владата и вледајчката СДСМ вчера не одговорија на последните обвинувања од опозицијата. Претходно, во неколку наврати, од Министерството за финансии реплицираа на неколкуте вакви обвинувања за презадолжување на државата, со тврдење дека одржливоста на долгот не е загрозена, дека фискалната консолидација е почната, а се враќаат и долговите направени за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
Во Фискалната стратегија на Македонија за периодот 2018-2020 година, објавена од Министерството за финансии, се наведува дека јавниот долг до крајот на 2020 година ќе достигне 6,5 милијарди евра односно 53,5 отсто од БДП.
Владата убедува дека не е загрозена одржливоста на јавниот долг
Според Стратегијата и според најавите, Владата планира зголемување на јавниот долг за 1,8 милијарди евра до 2020 година, но убедува дека тој ќе се движи во адекватни рамки и без загрозување на неговата одржливост.
Последните објави на Министерството за финансии покажуваат дека минатиот месец Министерството задолжило нови 5,38 милијарди денари, односно 87 милиони евра на домашниот пазар на капитал, но во исто време Министерството раздолжило 1,95 милијарди денари, односно 31,56 милиони евра.
Внимателно менаџирајте ги задолжувањата
Според последните објавени податоци, на крајот од 2017 година Бруто надворешниот долг изнесувал 7,4 милијарди евра или 73,6 отсто од БДП. Во однос на состојбата од крајот од 2016 година, долгот е зголемен во апсолутен износ, но намален како процент од БДП, односно на крајот од 2016 година надворешниот долг бил 7,216 милијарди евра, односно 74,2 отсто од БДП.
Министерството за финансии објави дека првиот квартал од 2018 година завршил со Јавен долг од 5,084 милијарда евра или 47,2 проценти од БДП, и „како процент од БДП, тој се намалил во однос на 2017 година, кога изнесувал 47,6% и во 2016 година кога бил 48,5% од БДП“.
Треба да бидеме претпазливи и со прагот на задолжување, но и за што се задолжуваме, изјави неодамна за РСЕ професор Зоран Ивановски.
„Постојат големи разлики меѓу земјите, која колку може да носи долг. Во Македонија сметам дека тоа ниво е максимум 60 проценти, меѓутоа остварувањето, реализирањето и исплатата на обврските би биле посигурни доколку не го достигнеме тој праг. Тоа значи дека иако во фискалната стратегија се планира достигнување на 56 проценти, сепак би било добро да бидеме поумерени и попретпазливи со тој процент“, вели професорот Ивановски.
Надлежните меѓународни институции ја рангираат Македонија во групата на умерено задолжени економии, но и тие, како и домашните експерти предупредуваат дека јавниот долг мора внимателно да се менаџира, а секое задолжување да биде рационално и строго наменско.
Два аршини
Сега владејачката СДСМ, кога беше во опозиција ја напаѓаше ВМРО-ДПМНЕ зашто јавниот долг ги надминал, според нив, критичните 50 проценти од БДП-то, а тогашната власт одговараше дека социјалдемократите се обидуваат да ја искриват вистината за дневно-политички цели.
Денес и обвинувањата на опозицијата и аргументите на власта се исти, само што улогата на критичарот и на критикуваниот се заменети. Единствено недостасува, велат експертите, партиите да кажат зошто тоа што го прават кога се на власт го критикуваат кога се во опозиција.