Најмалку 52 Палестинци се убиени од израелски трупи во судирите на границата во Газа, против отворањето на амбасада на САД во Ерусалим. Министерството за здравство во Газа соопшти дека најмалку 1.204 Палестинци се повредени од израелската армија денеска - на најкрвавиот ден од судирите во Газа од 2014та година.
Исламистичкото движење Хамас кое владее со Газа од 2007 година ги предводи масовните протести во последните шест недели кои имаат за цел да се стави крај на блокирањето на територијата од Израел, кое се одвива повеќе од една деценија.
Масовните протести, исто така, беа насочени против денешното преселување на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим. Највисоки официјални претставници на САД, вклучувајќи ја и ќерката на Доналд Трамп, Иванка Трамп, присуствуваа на отворањето на амбасадата во Ерусалим, додека стотици арапски граѓани на Израел протестираа во близина на местото на новата американска амбасада. Во снимената порака на церемонијата, претседателот Трамп рече дека останува "целосно посветен" на спроведувањето на мирот меѓу Израел и Палестинците. "Нашата најголема надеж е мир", рече тој. Трамп минатата година објави дека САД го признава Ерусалим како главен град на Израел и оти ќе ја премести американската амбасада во поделениот град, предизвикувајќи негодување од Палестинците, американските сојузници и многу други земји во светот. Конзулатот на САД во Ерусалим ќе служи како привремена канцеларија за американскиот амбасадор во Израел заедно со мал број вработени. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му се заблагодари на Трамп " што имал храброст" да го одржи своето ветување дека ќе ја премести амбасадата во Ерусалим, нарекуавјќи го "вечен, неподелен главен град на Израел". Портпаролот на претседателот Махмуд Абас, Набил Абу Родејн, рече дека потегот "созддал нестабилност". Иранскиот министер за надворешни работи го нарече потегот "ден на голем срам". Палестинците сакаат Источен Ерусалим да биде главен град на нивната идна држава. Израел го припои Источен Ерусалим и го прогласи целиот град за главен град, потег што не го признава меѓународната заедница.