Претседателот Ѓорге Иванов не е информиран за исходот од последната средба на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас со медијаторот Метју Нимиц, информираат од неговиот кабинет.
Иванов побарал од министерството писмено да му бидат доставени, извештајот за средбата меѓу премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, одржана на 24 јануари 2018 година за време на Светскиот економски форум во Давос,како и Нацрт-текстовите на грчката билатерална спогодба за надминување на разликата околу името, вклучувајќи и информација за тимот што од македонска страна учествувал во изготвувањето на документот. Од Кабинетот побарале и извештаи од билатералните разговори на Димитров и Коѕијас.
Од таму посочуваат и дека Иванов ја завршил посетата на Турција и се вратил во Скопје во неделата наутро. Премиерот Зоран Заев изјави денеска дека стои на располагање за лидерска средба, но за таа да се случи треба сите учесници да бидат во земјата.