ВМРО-ДПМНЕ бара итна лидерска средба, уште утре, на која премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров во присуство на претседателот на државата Ѓорѓе Иванов би ги соопштиле деталите и насоките по кои се движат разговорите за името.
Како што соопшти денеска на прес-конференција генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, поради ваквото барање партискиот лидер Христијан Мицкоски ги прекинува својата работна посета на Италија и средбите со македонската дијаспора.
"Мицкоски е веќе на пат за Македонија. Потребни се одлуки. Бараме итна лидерска средба која би се случила уште во текот на утрешниот ден", истакна Јанушев.
Тој посочи дека Зоран Заев, иако е премиер, го нема монополот да одлучува за ова најважно прашање, а евентуалниот договор да биде ставање на целата држава пред свршен чин.